Украинска преговарачка делегација ќе отпатува во Соединетите Американски Држави за да се разјаснат условите за евентуален мировен договор со Русија, соопшти претседателот Володимир Зеленски. Ова следува по коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп дека Киев наводно го отежнува постигнувањето мир.
Зеленски на социјалните мрежи истакна дека украинскиот тим, „и покрај сите околности“, е во постојан контакт со претставници на американскиот претседател, а средбите се очекуваат во наредните денови.
Во делегацијата се вклучени секретарот на Советот за национална безбедност Рустем Умеров, новоименуваниот шеф на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, како и пратеникот Давид Арахамија. Киев очекува разговорите да донесат поголема јасност за документите што веќе се подготвени во соработка со американската страна, како и за ставот на Русија кон досегашните дипломатски напори, напиша Зеленски на Телеграм.
Претходно украинскиот претседател изјави дека билатералниот документ со САД за безбедносни гаранции е „90 проценти подготвен“ за финализирање со Трамп, пренесе агенцијата ДПА. Овие активности следуваат по неколкунеделните иницијативи на Вашингтон за ставање крај на војната, која започна во февруари 2022 година со руската инвазија врз Украина.
Иако САД водат одделни разговори со Украина, европските сојузници и Русија, директни мировни преговори меѓу завојуваните страни засега нема, а нападите продолжуваат. Зеленски вчера истакна дека руските ракетни и дронски напади оставиле милиони граѓани без струја и греење за време на една од најстудените зими во последните години.
– „Украина никогаш не била и нема да биде пречка за мирот. Притисокот треба да биде насочен кон Русија поради уништувањето на енергетската инфраструктура и страдањето на цивилното население“, напиша Зеленски на X.

