Претседателката Гордана Сиљановска Давкова оценува дека е подобро лидерите на партиите понекогаш да се сретнат директно, отколку да разговараат преку посредници. Таа истакна дека по неодамнешната лидерска средба сите „биле релаксирани и уверени дека следниот чекор ќе биде уште подобар“, но дека таму требало да биде и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.
– „Како професорка, како и многу други мои колеги, би рекла дека лидерските средби ги јакнат лидерите, но ги слабеат институциите. Но во поделено општество како што е нашето и во рамки на консоцијативната демократија што ја вградивме не само во праксата туку и во Уставот, добро е понекогаш да се сретнат. Многу подобро отколку да разговараат со посредници, амбиентот е поинаков, луѓето се однесуваат поинаку. И тогаш кога се надвор од очите на јавноста, успеваат да бидат поприродни. Резултатот го видовме, сите беа релаксирани, уверени дека следниот чекор ќе биде уште подобар. Мислам дека недостигаше и требаше таму да биде лидерот на опозицијата Венко Филипче“, рече Сиљановска Давкова.
Неучеството на Филипче претседателката го оцени како „негова грешка“, поради тоа што, како што посочи, „доби покана“.
– „Подобро е да седнете некого, да чуете, подобро е да ги чуете и другите па да дадете изјава“, додаде таа.
Сиљановска Давкова се осврна и на темите од лидерската средба, оценувајќи дека техничката влада што функционира пред изборите е препартиска и нема уставен основ. Таа смета дека предвремените парламентарни избори не се добра опција во моментот, бидејќи државата има многу сериозни нерешени проблеми кои треба да се завршат.

