Министерот Тимчо Муцунски денес признава дека НАТО е феноменална работа, дека дава безбедност и поволна клима за инвестиции, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека ВМРО со години ги лажеше граѓаните за идентитетот и Преспанскиот договор, и ги доби изборите со лажна теза дека СДСМ е предавник на македонскиот идентитет, а денес изјавите од највисоките функционери на партијата потврдуваат дека свесно манипулирале со граѓаните и дека сега, кога се на власт, ги фалат истите политики што со години ги напаѓаа.

„ВМРО ги доби изборите со лажна теза дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и сите ние сме предавници на македонскиот идентитет. Дека Преспанскиот договор е предавство. Дека ќе го поништат договорот. Што се случи, Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова јавно изјави дека Преспанскиот договор го потврдува и зачувува македонскиот национален идентитет. Христијан Мицкоски јавно изјави дека Преспанскиот договор е ремек-дело на дипломатијата. Министерот Тимчо Муцунски изјави дека НАТО е феноменална работа, дека дава безбедност и поволна клима за инвестиции“, рече Филипче.

На прес-конференцијата, Филипче, укажа дека ВМРО свесно со години ги манипулира, лаже граѓаните и создава поделби во општеството.

„Каде се сите ветувања на организираната криминална група на ВМРО од пред изборите? Знаеја дека НАТО е најдоброто нешто што ни се случило, но сепак, години наназад не престанаа да нè нарекуваат предавници и да сеат поделби“, рече Филипче.

Тој нагласи  дека ВМРО го измами сопствениот народ, и побара Мицкоски да се извини.

„Ова не е политика. Ова е чиста измама на сопствениот народ. Време е оваа организирана група на Христијан Мицкоски и ВМРО да им се извини на граѓаните за годините лаги и токсични поделби во општеството. Време е да престанат со театарот и да ја продолжат политиката на европска иднина. Доколку не сакаат, а не сакаат поради нивните бизниси, нека си заминат“, порача Филипче.

Exit mobile version