Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на вечерашната средба во Општинската организација на СДСМ во Гевгелија, нагласи дека граѓаните се соочуваат со сериозна економска криза, додека власта троши пари за луксуз наместо за подобрување на животниот стандард.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за авионот“, рече Филипче.
Тој посочи дека власта нема слух за зголемување на минималната плата и упорно не ги прифаќа предлозите на СДСМ.
„Ние ги премоливме, два пати поднесовме закони два пати. Ова е втор пат како го поднесуваме Законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра минимална плата не е луксуз. Со таа плата не можат да се задоволат основните потреби. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачката кошничка – луѓето не можат да преживеат. Нема слух“, рече Филипче.
На средбата Филипче нагласи дека лошата економска состојба, нефункционалноста на владата
ќе доведат до политичка разврска
„Ниту ќе има буџет, ниту ќе имаат пари да поделат плати. Ќе удрат во ѕид, сите врати насекаде им се затворени. Сите овие години и пол од изборите 2024, поради тоа што сум прилично сигурен дека и вие гледате, како што гледа секој еден граѓанин, дека работата со оваа влада не оди“, рече Филипче.
Тој додаде дека владата нема ниту визија ниту политики во интерес на граѓаните и државата
„Ниту имаат желба, ниту имаат визија. Сѐ им е лага, сѐ им е лажна кампања, купи ден продај, задолжувања. Никаква политика во интерес на државата или на граѓаните. И колку и да лесно им помина лагата 2024 година, дека ние сме предавници, дека ние ги продаваме националните интереси, дека ние зборуваме само за Европа, луѓето сега веќе се разбудија. Сфаќаат дека сме биле на вистинскиот пат, вистинскиот пат, секогаш“, рече Филипче.

