Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на пратеничко прашање го праша премиерот Христијан Мицкоски со кого бил направен договорот за влез на „Алта банка“ во државата, обвинувајќи ја власта за загрозување на парите на граѓаните и компаниите.
Филипче ги оспори тврдењата дека проблемот со „Алта банка“ е увезен, посочувајќи дека токму власта го овозможила нејзиниот влез, а го обвини Мицкоски и за нарачување медиумски текстови и црни кампањи по неодамнешното интервју на „Телма“, за начинот на трошење народни пари – споменувајќи ги наводите за настапот на Дејвид Гета – како и за промените во ставовите околу Преспанскиот договор, идентитетот и јазикот.
Тој оцени дека економската состојба е влошена со раст на цените од 30 до 40 проценти во изминатите две години и зголемување на вкупниот државен долг од осум на речиси 12 милијарди евра, додавајќи дека не се стравува од наводни закани поврзани со увоз на мазут од Србија.

