На денешната седница за пратенички прашања, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, побара од премиерот Христијан Мицкоски кој ќе одговара за загадена вода за пиење, со која се соочува пола држава, предупредувајќи дека станува збор за сериозен проблем што директно го загрозува здравјето на граѓаните и за што Владата не само што молчи, туку нема ниту транспарентност, ниту одговорност.
„Водата е загадена во пола држава: во Гостивар, во Валандово, во Скопје, во повеќе општини, а немате одговор на многу прашања. Чија е одговорноста, кој правел контрола, зошто не се јавувале и пријавувале соодветно резултатите?“, обвини Филипче.
Филипче посочи и на фактот за загадената вода и во болницата во Лешок и побара од Владата целосна транспарентност за состојбата.
„Водата беше загадена во болницата во Лешок, резултат од примерок земен од чешма во болница каде што се лекуваат пациенти. Нема одговор за тоа какви се резултатите сега. Зошто не ги објавувате резултатите од водата во Гостивар? Зошто имате контрадикторни изјави, вие едно, министерот за здравство друго, дека наводно ќе била добра за пиење, а потоа ќе била само технички исправна водата? Луѓето се збунети, не знаат што да прават и не знаат кому да веруваат.“, рече Филипче.
Филипче побара одговори и за случајот со белата пена во реката Лепенец и сливот на Вардар, во близина на бунарите кои го дополнуваат изворот Рашче.
„Не одговоривте на тоа што се случи со ’Лепенец‘ и сливот во Вардар, имено бела пена која ја замати водата на местото каде што се наоѓаат бунарите кои го дополнуваат изворот од Рашче. Значи, загадена вода на местото каде што има бунари кои го дополнуваат изворот, од кој пие вода цело Скопје, и нема никаква информација. Го пуштате министерот за внатрешни работи да зборува за чистење на водата, хлорирање, хиперхлорирање; човекот нема капацитет, не знае за тоа, не му е тоа сфера на експертиза. Внимавајте, хиперхлорирањето на водата носи зголемен ризик од малигни болести. Не си играјте играчки. Дајте некој којзнае и кој ја разбира работата, и кој има експертиза да се занимава со тоа. Потребно е прво да се отстранат органските соединенија, а потоа да се прави хлорирање на водата“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

