Поранешниот украински министер за одбрана Михаил Федоров денеска оцени дека Украина се чини оти постепено ја губи војната против Русија и предупреди дека Киев има само неколку месеци за да донесе клучни одлуки со кои би можел да го промени текот на конфликтот.

Федоров, чие разрешување по падот на владата на Јулија Свириденко предизвика повеќенеделни протести во повеќе украински градови, во интервју за „Ројтерс“ рече дека на Киев му недостасува сеопфатна визија за тоа како да ја добие четиригодишната војна со Русија.

Според него, Украина дополнително ја ограничуваат вкоренетата корупција, мрежите на политичко покровителство и недостигот од политичка независност во државните институции.

„Мислам дека сега дојде пресвртница која ќе ја одреди нашата иднина, но изгледа дека постепено, полека губиме“, рече Федоров.

Сепак, тој оцени дека Украина сè уште има „сите шанси“ за победа, но дека итно ѝ е потребен конкретен план за завршување на војната.

Федоров (35) како клучни елементи за промена на текот на конфликтот ги посочи развојот на автономни дронови управувани со вештачка интелигенција, евтини пресретнувачки ракети за одбрана од руските воздушни напади и украинската програма за балистички ракети.

Тој смета дека линијата на фронтот би можела да биде опремена со мрежа од електронски сензори за откривање на непријателските сили, комбинирани со копнени и воздушни дронови. На тој начин, според него, би се намалило присуството на луѓе директно на линијата на фронтот.

„Веќе постојат технологии кои би можеле целосно да ги запрат Русите, но нашето отсуство на визија… значи дека не ги применуваме“, истакна Федоров.

Тој ја критикуваше и неефикасноста на украинските државни институции, оценувајќи дека државата во моментов функционира со „пет отсто ефикасност“.

Федоров беше разрешен само шест месеци откако беше именуван за министер за одбрана. За време на мандатот започна реформи во системот на воени набавки и мобилизацијата, што го доведоа во конфликт со делови од воениот естаблишмент и неговите политички ривали.

Минатата недела Федоров дополнително ја привлече украинската јавност, откако стана првата позначајна политичка фигура која јавно повика на одржување избори за време на војната.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека по падот на владата на Свириденко на Федоров му понудил неколку функции, но не и местото министер за одбрана. Федоров ја одбил понудата, пренесува Танјуг.

Exit mobile version