Македонската амбасада во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) вчера објави известување за македонските државјани во Бахреин дека во среда ќе поаѓа автобус од Бахреин за Ријад, од каде со специјален лет организиран од Владата ќе се вратат во земјава.

Според информацијата од Амбасадата, автобусот на Flynas ќе тргне на 11 март во 06:00 часот од Манама, Бахреин кон аеродромот King Khaled International во Ријад, од каде македонските државјани ќе продолжат со специјален лет за Скопје. Локацијата на поаѓање од Манама е наведена во известувањето на Фејсбук страницата на Амбасадата.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, истакна дека во тек е координиран процес на евакуација на македонските државјани од повеќе земји на Блискиот Исток, кој се очекува да биде завршен до крајот на неделата.

На прес-конференција во Владата, Муцунски посочи дека од првиот момент на ескалацијата на безбедносната криза е воспоставен кризен механизам преку Министерството и дипломатско-конзуларните претставништва. Тој нагласи дека со формирање кризен штаб и 24-часовна комуникација со македонските државјани во погодените области, целта е обезбедување на нивна безбедна, навремена и организирана евакуација.

Exit mobile version