Соединетите Американски Држави ќе уништуваат по еден мост или електрана секогаш кога Иран ќе пука врз брод во Ормускиот теснец, најави американскиот претседател Доналд Трамп.
Најновата закана за напади врз цивилна инфраструктура доаѓа во период на ескалација на војната, што создава ризик од дополнителни глобални економски нарушувања и раст на цените на горивата пред претстојните меѓуизбори во САД.
Двете страни цврсто остануваат на своите позиции во спорот околу стратешкиот морски пат за глобалната енергија, кој останува главно затворен поради иранските напади, јавува Асошиетет прес.
САД извршија нов бран воздушни напади врз Иран во текот на ноќта кон средата, при што противвоздушната одбрана дејствуваше над Техеран.
Истовремено, Иран лансираше ракетен напад врз јордански град на границата со Израел, а предупредувања за опасност беа издадени и во Бахреин и Саудиска Арабија.
Поради прекинот на преговорите, двете страни се обидуваат да стекнат предност со таргетирање цивилна инфраструктура, при што Иран гаѓаше енергетски објекти и постројки за десалинизација во соседните земји од Персискиот Залив.
Меѓународното право генерално ги забранува ваквите напади врз цивилни објекти, освен ако тие не се користат во воени цели.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги осуди овие дејствија и ги нарече нападите „неприфатливи“.


