Епископ Партениј: Проблематиката на вакцините не е во надлежност на Црквата, туку на научните медицински институции и работници

Радост во верата, добро здравје, благодарност, но и ослободување од нереалните стравови, кои произлегуваат од теориите на заговор и кои немаат никаква врска со православното учење, порача Епископот Антански, г. Партениј, игумен на Свештената Бигорска Обител во празнично интервју за МИА.

За жал, вели Партениј, во Црквата се провлекуваат духовници и верници кои се обременети со верувања и идеологии коишто му се туѓи на православното богословие.

– Тука, пред сѐ, мислам на заговорниците на т.н. апокалиптички менталитет на верувањето, преку што се внесуваат страв и немир меѓу луѓето, нагласува тој во интервјуто за МИА и додава дека единствено од кое треба да се плашиме се егоизмот, страстите во самите нас, себичноста, злорадоста, неблагодарноста, горделивоста – тие нешта нѐ одделуваат од Христа.

Со епископот Партениј говоревме за празничниот период, кој го поминуваме во невообичаени услови на пандемија на Ковид-19, кој секако внесе промени и во вообичаеното функционирање на Црквата, за пожртвуваноста на здравствените работници, изминатиот период. Како придобивка од целата ова состојба со пандемијата го напомена духовно зближување на луѓето, поттикнувајќи многумина да вршат добри дела.

За социјалната дистанца, која ја наметна пандемијата и колку таа придонесува за оттуѓување на човекот, епископот Партениј вели дека главниот фактор на отуѓувањето има духовен карактер и зависи од внатрешната состојба на поединецот. Тој вели дека најголемиот дел од клирот на МПЦ-ОА во текот на целиот период на пандемијата се однесувал крајно совесно и одговорно, преку соопштенија и укази, како на синодско, така и на епархиско, локално ниво, за придржување до препораките од здравствените и државните власти, а во врска со Светата Причест додава дека „таа е Таинство на Црквата востановено од Самиот наш Спасител и Лекар на душите и телата, Господ Исус Христос и како такво е залог за вечноста. Црквата ниту се откажала, ниту, пак ќе се откаже некогаш од основата на којашто почива севкупната нејзина градба, од својата суштина“.

Да не се прави „теологија“ од вакцинацијата, обединет пристап кон ова прашање, но и порака дека Црква кон него треба да се постави со расудливост, со пастирска грижа за ближните, а не со радикалност и фанатизам, порачува Партениј во интервјуто за МИА. Тој нагласува дека проблематиката на вакцините не е во надлежност на Црквата, туку на научните медицински институции и работници, а медицината досега дала голем придонес во развојот на човештвото и не треба да се потценува. За него лично вели дека доколку докторите сметаат оти треба да се вакцинира, тој тоа ќе го стори.

Неодминливи беа и прашањата за очекувањата за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, за тоа дали има некакви новости од Вселенската патријаршија, на што епископот Партениј одговори дека за решавањето на ваквите сложени процеси потребно е време, а и самата пандемија го успорила текот на настаните.

За неодобрувањата на Српската и Руската православна црква автокефалноста да се бара од Вселенската патријаршија, Партениј потенцира дека српските архијереи отсекогаш, со право нагласувале дека Вселенската Патријаршија го има последниот збор за доделување томос за автокефалност.

– Меѓутоа сега кога дојде време да се решава нашето прашање, одеднаш за српските архијереи Вселенската Патријаршија престана да биде првопрестолна црква и ги нема канонските права за арбитер во православната екумена. Колку апсурдно: кога Патријаршијата ѝ дала томос на Српската Црква го имала тоа право, а сега повеќе го нема?!, забележува тој.

Меѓу другото со Партениј разговаравме и за евентуалното влијание на политичките недоразбирања меѓу Скопје и Атина во меѓуцрковните реалции, за монаштвото како столб на заштита на црковниот живот, за значењето на вистинското лидерство, но и за тоа колку политиката им помага или одмага на верата и на Црквата.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.01.2021 - 12:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега