Една година од членството во НАТО

Македонија точно пред една година го официјализираше членството во најголемиот воено-политички сојуз, Северноатланската алијанса. Во вонредни околности, во услови кога светот се соочи со пандемијата на Ковид-19, на 27 март 2020 година во Вашингтон  вршителот на должност амбасадор на земјава во САД,  Вилма Петковска на амеиканскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, амбасадорот Филип Рикер му го предаде оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство.

Со официјализирањето на членството, Македонија ја реализираше стратешката цел, зацртана со консензус во 1993 година. Само три дена подоцна, на 30 март лани, знамето на Македонија беше кренато да се вее пред седиштето на НАТО во Брисел со знамињата на останатите држави членки.

Зголемена безбедност, подобра економија, повеќе инвестиции, а со тоа и подигнување на животниот стандард се дел од придобивките кои Македонија ги очекува од членството. Официјализирањето на членството беше невообичаено, во услови на глобална пандемија, на закана за светската економија, но очекувањата се дека по завршувањето на кризата позитивните трендови ќе се рефлектираат во македонското општество и бидат видливи пред се во економијата.

По повод годишнината во земјава пристигна командантот на сојузничката команда на здружени сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, кој вчера имаше средби со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев, со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– Северна Македонија имаше одличен почеток и обезбедува значителни придонеси за Алијансата, порача Брук по вчерашните средби.

На заедничката прес-конференција со министерката за одбрана Радмила Шекеринска Брук напомена дека престои затворање на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, што како што кажа е горчливо-сладок момент.

– Ние го прославуваме затворањето на Канцеларијата бидејќи тоа го одбележува успешното завршување на мисијата на Канцеларијата, бидејќи Северна Македонија веќе стана полноправна членка на НАТО, додаде Бурк.

Шекеринска истакна дека експертизата и посветеноста на сите членови на тимот на Канцеларијата за врски на НАТО во изминатите две децении беа од огромна полза  за одбраната, армијата и државата. Таа додаде дека заедничката мисија во изминатите години веќе е успешна, затворањето на Канцеларијата за врски означува успешно завршена работа, а Македонија е сојузник кој може да се развива и да придонесе кон колективна безбедност на Алијансата. Министерката потенцира дека Македонија како членка на Алијансата додаде нова вредност на значењето на НАТО за безбедноста во нашиот регион, со учество директно во силите на КФОР на Косово, кои се токму под капата на сојузничката команда во Неапол.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.03.2021 - 10:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега