Утрово најниската температура во државата е измерена на Попова Шапка, каде термометрите покажаа минус три степени, а снежната покривка достигна точно 100 сантиметри. Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), најтопло било во Кавадарци со седум степени.
Минусни температури се регистрирани и во Берово (-1), додека во Маврови Анови беше нула степени. Во останатите градови утринските температури се движеа од еден степен во Претор, Струмица и Крушево, до шест степени во Скопје-Зајчев Рид, Демир Капија и Гевгелија.
Изминатото деноноќие донесе и значителни врнежи. Најмногу дожд наврна во Битола – 20 литри на метар квадратен, потоа следат Претор со 15, и Охрид и Крушево со 14 литри.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во источните делови од земјата постојат услови за провејување на слаб снег. Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец кој локално може да достигне брзина и над 60 километри на час. Максималната дневна температура ќе се движи во интервал од пет до 13 степени.
Во Скопје се очекува слично време, променливо облачно со кратки сончеви периоди и засилен северен ветер во делови од котлината, со максимална температура до десет степени.


