Џон Кирби: Во Украина има американски специјалци, но во амбасадата

 

 

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, обелодени во интервју за „Фокс њуз“ дека во Украина има мало американско воено присуство, но само во Американската амбасада во Киев.

Прашан за „протечените“ доверливи документи на Пентагон кои сугерираат дека во Украина има американски специјални сили кои дејствуваат во земјата разурната од војна, Кирби рече дека нема да објаснува во детали.

„Прецизно да одговорам на прашањето: да, има мало американско воено присуство во амбасадата во Киев поврзано со Канцеларијата на аташеата за одбрана. Тие ни помагаат да работиме на одговорноста за материјалот што влегува и излегува од Украина“, рече Кирби, мислејќи притоа на оружјето и другата воена поддршка што САД ја испраќаат во Киев.

Кирби, кој зборуваше на маргините на патувањето на претседателот Џо Бајден во Северна Ирска, истакна дека тие специјални сили не се борат на бојното поле, но од „Фокс њуз“ додаваат дека американските сили во Киев обезбедуваат и безбедносни услуги.

„Нема промена на ставот на претседателот дека во Украина нема да има американски војници кои се борат во оваа војна“, нагласи Кирби.

Зборувајќи за односите на САД со сојузниците по објавувањето на доверливите информации, Кирби додаде:

„Правиме отворени обиди да допреме до релевантните сојузници и партнери за да им објасниме најдобро што знаеме што умееме. И ние не знаеме многу во моментов, но мора да се увериме дека тие разбираат оти ова го сфаќаме многу сериозно, дека отворивме кривична истрага и контроли низ Министерството за одбрана за да ги утврдиме последиците по националната безбедност.“

Кирби додаде дека Вашингтон не зне што друго може да поседува поединецот или луѓето што ги објавуваат овие документи, и што сè уште може да објават.

„Нема да зборувам за содржината на некои од овие обелоденети документи. Мислам дека сфаќате оти правиме се што мора за да ја заштитиме нашата национална безбедност. Ова е повреда на напата способност да заштитиме некои информации и ние сериозно го сфаќаме тоа“ додаде тој.

12.04.2023 - 18:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега