Џафери: Секое одложување на интеграцијата на Македонија во ЕУ предизвикува негативни импликации

Секое одложување на евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија предизвикува негативни импликации, а последиците од војната во Украина уште повеќе ја предизвикуваат безбедносната на целиот европски континент, заклучија на денешната средба претседателот на Собранието Талат Џафери и министерот за надворешни работи на Романија, Богдан Ауреску кој престојува во официјална посета на земјава.

Романија силно ја подржува евроинтеграцијата на Република Северна Македонија, бидејќи тоа, како што рече Ауреску, е и стратешки интерес на Унијата.

-Земјата презеде силни и храбри чекори кои заслужуваат позитивен сигнал, оцени романскиот министер на средбата.

Претседателот Џафери со особена почит се заблагодари на Романија за искрената поддршка на нашите европски интеграции, како и за нејзиното залагање пред нашето полноправно членство во НАТО. Изрази и очекување во рамките на Самитот посветен на Западен Балкан и проширувањето во јуни оваа година да се испратат јасни и конкретни пораки до сите земји-членки и особено до нашиот источен сосед, Република Бугарија, за почнување преговори на ЕУ со Република Северна Македонија.

Собраниската прес-служа информира и дека Џафери изрази задоволството од средбата со високиот претставник на Романија, земја со која, рече, континуирано градиме пријателски билатерални односи. Тој нагласи дека посетата ја смета како поттик за натамошен развој на меѓупарламентарната соработка на двете земји и охрабрување за поинтензивна соработка меѓу групите за соработка во двата законодавни дома.

Министерот за надворешни работи на Романија Ауреску изрази надеж за возвратна посета во Романија во иднина. Во таа насока, тој истакна дека улогата на парламентите е многу важна за евроинтеграцискиот процес на една држава. Романскиот министер информираше и за состојбата со бегалците од Украина во Романија и рече дека неговата земја е подготвена да излезе во пресрет во секој миг и во иднина.

Двајцата соговорници изразија верба во итно запирање на воените дејствија во Украина и во наоѓање решение со заемен дијалог на двете страни зашто ризикот по безбедноста, оценија, може да се прошири на цела Европа, а безбедноста на европските граѓани претставува прашање на кое ЕУ треба многу сериозно да пристапи.

На средбата беа потврдени и заложбите за натамошно развивање на билатералните односи на планот на соработката во НАТО и во сите други сегменти на меѓудржавна соработка а во полза на граѓаните на двете земји.

14.04.2022 - 15:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега