Џафери изгубен во Деловникот и Уставот - седницата може да се одложи

Деловникот на Собранието и Уставот на Република Македонија дозволуваат поставеното прашање за гласање на Доверба на владата да биде повлечено пред да почне седницата. Само кратко пребарување низ Деловникот лесно го потврдува тоа. Законодавецот во овој акт со кој се организира работата на Собранието дури одделил и посебен член за постапката за повлекување на ова прашање.


„Прашањето за доверба на Владата  може да се повлече до почетокот на седницата на Собранието, на која ќе се расправа по прашањето за доверба на Владата. “ – се вели во ставот 5 од членот 214 во собранискиот Деловник.
Правилото пак според кое во наредните 90 дена не може да се постави ново прашање за Доверба на Владата е уредено во Уставот.  Ова е членот 92 од највисокиот правен акт во Македонија

„Владата и секој нејзин член, за својата работа одговараат пред Собранието. Собранието може да изгласа недоверба на Владата. Прашање за доверба на Владата можат да постават најмалку 20 пратеници. Гласањето за доверба на Владата се врши по истекот на три дена од поставувањето на прашањето за доверба. Повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постави мнозинството од вкупниот број пратеници. Одлуката за изгласување недоверба на Владата се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата и е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка.“ – се вели во членот 92 од Уставот.

Во самиот член 92 од Уставот јасно стои дека нова седница не може да се одржи пред да истечат 90 дена но од одржаното гласање. Доколку пратениците согласно член 214 од Деловникот го искористат своето деловничко право и ја повлечат инцијативата, тогаш не може да има гласање во Собранието што значи дека не може да се исполни условот кој забранува во наредните 90 дена повторно да се отвори тоа прашање.

Според Џафери, доколку не се изгласа недоверба на Влада, наредните 90 дена не може да има повторно гласање.

„Јасни се процедурите. Има седница закажана во четврток. Седницата мора да има епилог. Епилогот може да биде, се гласа недоверба – паѓа Владата, не се гласа недоверба – не паѓа Владата. После тоа наредните 90 дена не може да има повторно гласање на недоверба. Затоа е даден рок од 90 дена. Процедурата е отпочната, ако се повлече сега барање за гласање на недоверба на Влада, нема право наредните 90 дена за повторно барање за гласање на недоверба“, порача Џафери за ТВ21.

Останува нејасно врз основа на кои законски одредби Претседателот на Собранието Талат Џафери толкува дека не може да се повлече барањето и дека седницата мора да се одржи. Законот и Уставот се прилично јасни. Доколку пратениците денеска го повлечат прашањето за доверба на владата тие имаат право веднаш да поднесат нова иницијатива а Џафери е должен во рок од 3 дена кои почнуваат од утре да закаже седница. Доколку пратениците таа постапка ја почнат денеска, тогаш Џафери ќе мора седницата за гласање на доверба да ја закаже во сабота. 
Своеволното толкување на одредбите од Деловникот и Уставот не е ништо ново за актуелниот собраниски спикер. Џафери е првиот Претседател на Собранието кој практично ги фрли амандманите на пратениците на опозицијата, преседан кој не се памети во парламентарната демократија во Европа и светот.


А.С.

10.11.2021 - 11:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега