Џафери имаше средба со амбасадорот Лахдевирта

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска го прими амбасадорот на Република Финска задолжен за Република Северна Македонија Кимо Лахдевирта, резидентен во Белград, Република Србија.

На средбата, како што информира владината прес-служба, Џафери истакнал дека Северна Македонија ја цени поддршката на Финска во областа на евроинтеграциите и нејзиниот принцип дека билатералните проблеми со Бугарија не треба да бидат пречка за процесот.

Тој, исто така, подвлекол дека со Финска споделуваме исти политички определби и имаме многу добри односи, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Потврдил дека Северна Македонија ги поддржува аспирациите на Финска за членство во НАТО и ја потецирал подготвеноста на Собранието да ја ратификува спогодбата за членство на Финска во НАТО.

Амбасадорот Лахдевирта се заблагодарил на можноста за средба и нагласил дека Финска и натаму ќе продолжи да ја поддржува нашата држава во нејзините аспирации за членство во Европската унија и се согласил со претседателот Џафери дека има простор за зголемување и збогатување на економската соработка.

Двајцата соговорници разговарале и за актуелната ситуација во Украина и нејзините импликации врз безбедносната ситуација во регионот, осудувајќи ја агресијата од страна на Руската федерација врз Украина. Двајцата се согласиле дека се потребни заеднички напори за совладување на сите тешкотии во безбедносен, енергетски, прехранбен и секаков друг вид план.

04.05.2022 - 13:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега