Германското гратче Раунхајм е под силна полициска опсада по бруталното двојно убиство што се случи рано утринава. Непознат сторител отворил оган во локално кафуле, усмртувајќи две лица, по што успеал да побегне од местото на злосторството.

Целата област околу објектот е блокирана, а специјални полициски единици се на терен во потрага по убиецот.

Портпаролот на полицијата во Јужна Хесен, Кристоф Шмит, ги потврди деталите за медиумите:

„Според првите сознанија, вооружено лице влегло во кафулето околу 3:45 часот наутро и застрелало две лица. Двете лица им подлегнале на повредите на самото место“, изјави Шмит, пренесува германскиот весник „Билд“.

Истрагата е во рана фаза и полицијата сè уште не открива детали за идентитетот на жртвите, ниту пак за можниот мотив зад овој напад. Засега не е познато дали напаѓачот го фрлил оружјето во близина или сè уште е вооружен додека е во бегство.

Полицијата апелира до граѓаните да ја избегнуваат блокираната зона додека трае големата потрага.

Exit mobile version