Две лица починаа од вирусот Западен Нил во Грција

Две лица починаа од вирусот Западен Нил во Грција, според најновиот извештај на Националната канцеларија за јавно здравје, со што вкупниот број на починати од почетокот на годинава се искачи на 12.

Во извештајот се наведува дека починатите биле на возраст меѓу 61 и 92 години. Во последната недела биле дијагностицирани уште 24 „домашни случаи“ на пациенти, додека вирусот бил откриен и кај три лица од Албанија.

Во Грција се регистрирани вкупно сто случаи на вирусот Западен Нил, објави порталот „creta24.gr“. Од нив 76 се тешки, а 24 полесни случаи.

Во соопштението на Националната канцеларија за јавно здравје се наведува дека се очекува во наредниот период да бидат регистрирани нови случаи.

На територијата на Европа, покрај во Грција, вирусот Западен Нил е регистриран и во Италија, Шпанија, Франција, Австрија, Унгарија, Романија, Хрватска и Србија.

22.08.2024 - 23:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега