Домашното производство на електрична енергија се одвива непречено и стабилно, а државната компанија ЕСМ веќе води преговори за обезбедување долгорочно снабдување со природен гас по значително поконкурентни цени. Додека се чека в понеделник Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да ја објави новата одлука за цените на горивата, институциите наменски ги следат глобалните берзански движења за да го заштитат стандардот на граѓаните.
При денешното присуство на отворањето на Саемот за енергетика, технологија и иновации „Енерго технома 2026“, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, испрати смирувачки пораки околу енергетската состојба во земјава.
„Производството на струја е стабилно. ЕСМ се грижи за сигурно снабдување на граѓаните. Ги следиме на дневна основа и цените на гасот, а ЕСМ е веќе во преговори за подолгорочно и поконкурентно снабдување, по пониски цени“.
Повод евентуалното поскапување на бензините и дизелот, од ресорното министерство апелираат да не се брза со заклучоци, бидејќи пресметките што ги доставуваат трговските компании не значи дека автоматски ќе бидат прифатени од регулаторот.
„Ве замолувам да ја почекаме одлуката на Регулаторна, да видиме на крај каква ќе биде нејзината одлука и колку ќе има поскапување, ако има“.
Таа потсети на досегашните владини мерки за намалување на акцизата и ДДВ-то, додавајќи дека актуелниот попуст на ОКТА од два до три денари по литар трае до следната недела, по што ќе се прават дополнителни анализи за следните чекори.
Во делот на цената на струјата, министерката направи споредба меѓу сегашните суми и оние од моментот кога Владата ја презеде функцијата, истакнувајќи дека државата свесно прави отстапки за зачувување на животниот стандард.
„ЕСМ моментално ја продава електричната енергија по цена од 65 евра за мегават-час, додека кога актуелната Влада ја презеде функцијата, цената била над 135 евра за мегават-час.“
Околу обезбедувањето на природниот гас и претстојните чекори на пазарот, таа додаде дека ЕСМ веќе има обезбедено количини за ноември. Истовремено, по проценката на финансиските импликации ќе се разгледуваат можности за субвенции, а се очекува и ЕВН во наредниот период да го објави соодветниот тендер за снабдување.

