Во Собранието денеска ќе се одржи комеморативна седница по повод годишнината од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени.

Во рамки на одбележувањето, на 14 март Владата ќе организира Меѓународна конференција на тема „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“. На конференцијата се очекува да присуствуваат претставници на државните институции, здравствени експерти, меѓународни организации и хуманитарни партнери.

Како што информираше владината портпаролка Марија Митева, на настанот ќе учествуваат лекари и медицински персонал од 37 земји кои помогнаа во лекувањето на повредените по пожарот. Целта на конференцијата е да се направи сеопфатна анализа на институционалниот и здравствениот одговор на трагедијата – од првичната интервенција и спасувањето животи, до долгорочниот третман, рехабилитацијата и идните системски решенија.

На завршната сесија ќе бидат презентирани и планираните мерки и системски чекори што институциите ги преземаат за унапредување на безбедноста и справувањето со вакви кризни ситуации.

Во меѓувреме, за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во тек е судска постапка.

Exit mobile version