Денешното рочиште за случајот „Онкологија 2“ заврши со скандал и парична казна за одбраната. Адвокатката Анита Бегова, која го застапува обвинетиот Нехат Нухи, демонстративно ја напушти судницата, незадоволна од начинот на кој Обвинителството ги презентираше доказите. Судот веднаш реагираше и ѝ изрече казна од 500 евра за нарушување на редот и навреда на судот.
Конфликтот настана кога Обвинителството почна да изведува околу 180 страници документи во „пакети“, наместо поединечно, на што одбраната жестоко реагираше тврдејќи дека не се овозможуваат минимални стандарди за фер судење.
„Јас нема да учествувам во процес каде доказите не се презентираат соодветно пред јавноста и поротата“, изјави Бегова пред да излезе, по што судијката го одложи рочиштето за 7 април додека на обвинетиот не му се назначи нов адвокат по службена должност.

