Познатиот турски тренер Енгин Фират почина на 55-годишна возраст, оставајќи зад себе богата и меѓународно призната кариера.
Фират почина од ненадеен срцев удар на аеродромот во Истанбул, враќајќи се од престој во либанскиот клуб Неџмех.
И покрај итната интервенција на медицинскиот персонал, тренерот не можеше да се спаси, што предизвика длабока тага во фудбалските кругови во Турција, но и во земјите каде што работеше.
Енгин Фират остави неизбришлив белег во меѓународниот фудбал во текот на целата своја кариера. Тој беше познат по тоа што го претставуваше турскиот фудбал низ целиот свет, од Кенија, Молдавија, Иран до Германија. Почна како помошник на Вернер Лорант во Фенербахче во 2002 година, а потоа имаше важни улоги во националните тимови и клубови низ целиот свет. Тој беше помошник на Али Даеи во иранската репрезентација, главен тренер на Молдавија и селектор на Кенија.
Покрај тоа, Фират тренирал клубови како што се ЛР Ален во Германија, Инчеон Јунајтед во Јужна Кореја, Сиваспор и Ерчијеспор во Турција, како и иранските тимови Саипа и Сепахан.
Последниот ангажман на Фират беше со Неџме, еден од најголемите клубови во Либан, каде што потпиша договор на 8 февруари 2026 година.


