Државниот пазарен инспекторат на 17 и 18 ноември 2025 година, спроведе инспекциски надзори на територијата на градовите Скопјe, Тетово, Гостивар, Кичево и Струга во 23 правни лица кои вршат малопродажба на тутун и тутунски производи.

Инспекторатот информира дека „при извршени инспекциски надзори во 16 правни лица, пронајдени се количини на тутунски производи за кои правните лица не поседуваат документи за снабдување од добавувач и немаат потребни ознаки – акцизни маркички“.

„Согласно законските надлежности, пронајдените производи во количина од над 3000 пакувања со вредност од над 1.000.000,00 денари се привремено одземени и предадени на Агенцијата за управување со запленет имот на Република Северна Македонија. За утврдените прекршоци, Државниот пазарен инспекторат, постапувајќи согласно законските надлежности, издаде платни налози за прекршоци.“

„Државниот пазарен инспекторат, во врска со утврдените неправилности, испрати известување до другите надлежни институции, Царинската управа и Министерството за внатрешни работи за понатамошни постапувања. Државниот пазарен инспекторат ќе продолжи да врши инспекциски надзори со цел утврдување и санкционирање на нелегалната трговија на територијата на Република Македонија во согласност со законските надлежности“, се наведува во соопштението на Инспекторатот.

Exit mobile version