Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на денешната прес-конференција изнесе сериозни обвинувања во врска со работењето на „Алта банка“ и постапките на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Димитријевиќ го отвори прашањето како била издадена дозволата за влез на банката на македонскиот пазар, по вчерашната изјава на гувернерот дека не ја знаел нејзината сопственичка структура.
„Гувернерот Трајко Славески вчера изјави дека не знаел чија сопственост е Алта банка Белград, дека не знае колкав процент е сопствеништвото и тоа не го интересирало. Како тогаш дал дозвола за влез на банката во Македонија? По налог на Мицкоски? Заради бизнис интересите и перењето пари со Вучиќ?“, праша Димитријевиќ.
Тој посочи дека состојбата на терен се разликува од тврдењата на централната банка дека сè е во ред со финансиската институција.
„Тоа е истиот Славески кој пред некој ден рече дека е се во ред со Алта банка во Македонија а граѓаните не можат да дојдат до своите пари. Експозитурите не работат, на банкомати се чека со часови, додека пак компаниите слободно префрлаат пари“, истакна генералниот секретар на СДСМ.
Според Димитријевиќ, изјавата на Славески доаѓа во ден кога во Србија е објавено апсењето на сопственикот Давор Мацура и наводното изнесување на 400 милиони евра во кеш од трезорот. Тој обвини дека во моментот мерките на НБРМ го заштитуваат капиталот на криминалците наместо граѓаните.
„Ова е заштита на капиталот на криминалците, на сметка на штедачите чии депозити и сметки се заробени. Ако се сакаше да се заштитат граѓаните, ќе им се дозволеше да си ги подигнат своите пари непречено, без лимити“, рече Димитријевиќ.
На крајот, од СДСМ побараа итна реакција од правосудните органи.
„Одењето на Мицкоски во Германија во овој момент е само бегство од одговорите што го чекаат. Обвинителството мора да реагира и да отвори истрага. Дадовте заклетва дека сте во служба на граѓаните, не на оваа мафија на власт. Ќе одговарате и вие ако продолжите да ја чувате оваа банда“, порача Димитријевиќ.

