Растот на македонската економија од 4,3 отсто во вториот квартал од 2026 година е еден од најдобрите квартални резултати во изминатите две и пол години, но уште поважен е континуитетот на позитивните економски движења, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска преку социјалните мрежи, коментирајќи ги најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Министерката нагласува дека Фокусот на економските политики и во наредниот период ќе остане врз капиталните инвестиции, приватниот сектор и одговорното управување со јавните финансии.
-Од раст од 1,6 отсто во првиот квартал од 2024 година, денес сме на 4,3 отсто. Тоа значи дека не зборуваме за еден добар квартал, туку за континуитет, за економија која расте и постепено добива сила. Дали е ова доволно? Не е. Но, податоците покажуваат дека политиките што ги водиме и насоката што ја избравме даваат резултати и дека треба да продолжиме уште посилно и со уште поголема динамика- истакна Димитриеска-Кочоска.
Податоците за структурата на БДП покажуваат дека бруто-инвестициите во вториот квартал забележале скок од 16,5 проценти, извозот се зголемил за 10,4 отсто, додека во градежништвото е евидентиран раст од 21,9 проценти, поддржан од позитивни трендови во преработувачката индустрија, трговијата, транспортот, угостителството и домашната потрошувачка.
Според министерката, овој резултат има посебна тежина бидејќи е остварен во услови на умерен раст на европската економија од 1,2% и еврозоната од 1%, како и во услови на геополитички ризици.
-Нашата политика е јасна – повеќе инвестиции и капитални проекти, силна поддршка на приватниот сектор, подобро и попредвидливо деловно окружување и одговорно управување со јавните финансии. Ќе продолжиме да инвестираме, да ги реализираме капиталните проекти, да создаваме услови за домашни и странски инвестиции и да го поддржуваме стопанството. Ќе продолжиме со реформите што треба да ја направат македонската економија посилна, поконкурентна и поотпорна- потенцира министерката за финансии.
Таа додаде дека за повисок и одржлив раст се потребни стабилност, предвидливост и доверба, за позитивните стапки да се преточат во повисок животен стандард за сите граѓани.
-Бројките ја покажуваат насоката. Наша обврска е да продолжиме по неа- порача Димитриеска-Кочоска.


