Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница одби уште три приговори поднесени од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кои се однесуваа на гласањето на избирачки места во Општина Шуто Оризари.

За оваа општина вкупно се поднесени 13 приговори – 10 од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и три од Сојузот на Роми.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, по увидот во изборниот материјал и биометриските податоци, истакна дека не се утврдени несовпаѓања ниту во гласачкиот материјал ниту во резултатите за избирачките места 2971/1, 2973 и 2959/1.

„Увидот не покажа никакви несовпаѓања, а бројките од фингерпринт уредите се совпаѓаат со податоците во записниците. Нема услови за прифаќање на приговорите“, изјави Кондарко.

Претставниците на коалицијата „Твоја Македонија“ тврдеа дека нивните овластени лица не добиле можност да внесат забелешки за неправилности во записниците од гласањето и дека во дел од нив се направени незаконски корекции без потпис на претседателот на избирачките одбори.

Сепак, според ДИК, не постојат основи за отворање на избирачкиот материјал и не се утврдени никакви несогласувања меѓу податоците во записниците и биометриските уреди.

Со тоа, и овие три приговори беа одбиени како неосновани.

Exit mobile version