Православните верници денеска го слават празникот Младенци, посветен на споменот на Светите четириесет маченици. Овој ден во македонската традиција е нераскинливо поврзан со младите брачни парови кои стапиле во брак во изминатата година, на кои заедницата им посакува здравје, слога и долг заеднички живот.

Најпрепознатливиот обичај за овој ден е подготовката на обредните колачиња, познати како „младенчиња“. Тие се симбол на сладок и среќен брак.

„Во традицијата, невестата ги подготвува и им ги подарува на гостите, а самите колачиња се сметаат за симбол на сладок, среќен и долготраен живот во брак“, велат познавачите на народните обичаи.

Бидејќи празникот секогаш паѓа за време на Велигденските пости, важно правило е трпезата да биде посна. Посната гозба, според верувањата, носи здравје и напредок за новите сопружници и нивните идни деца.

Освен замесувањето колачиња со мед, овој ден е важен и за набљудување на природата. Старите верувања велат дека времето денеска точно предвидува каква пролет нè очекува.

„Со празникот се поврзува и старо набљудување на природата: според верувањето, времето на Младенци навестува какво ќе биде времето во текот на пролетта“, се наведува во народниот календар.

Исто така, денешниот ден се смета за идеален за првото користење на „младото“ зеленило во исхраната. Копривата, зелјето и медот се користат како симболи за обновување на животната сила по зимата. Намерата на празникот не е раскош, туку покажување дека заедницата стои зад новото семејство.

Exit mobile version