Изградбата на браната Отиња во Штип влегува во завршна фаза со реализирани 70 проценти од проектот. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, при денешниот увид на терен истакна дека доколку дозволат временските услови, градежните работи може да завршат уште годинава.
Според планот, езерото треба да биде целосно во функција во пролетта 2028 година, откако ќе помине периодот потребен за негово полнење.
„За изградбата на браната Отиња до денес имаме 70 проценти реализација, а крајниот рок е април 2027 година, но доколку не послужат временските услови, доколку имаме сува градежна сезона може да го завршиме езерото уште оваа година. Потоа ќе биде потребно да се наполни една година, што значи некаде во пролетта 2028 година тука да видиме езеро што навистина ќе биде атракција“, изјави Николоски.
Проектот тежок 488 милиони денари не е само за рекреација, туку ќе служи и за наводнување и решавање на евентуални проблеми со водоснабдувањето во критични периоди.


