Демократскиот сојуз бара да се врати предметот историја по старата програма, како посебен предмет

 

 

Демократскиот сојуз го повикува Министерството за образование да ги прекине активностите за менување на наставната програма за шесто одделение и воведување нов предмет „Историја и општество“ од следната учебна година, кој треба да замени три одделни предмети, историја, географија и граѓанско образование.

„Предупредуваме дека со механичко мешање на наставните содржини на три различни предмети се маргинализира изучувањето историја, кој е исклучително важен предмет за сочувување и јакнење на националниот идентитет и за формирање на личноста на младите“ предупредува Деморатскиот сојуз.

Од партијата ја осудуваат оваа контроверзна образовна реформа, како што велат, уште кога беше ненаучно и насилно накалемена од тимот на екс министерката за образование Мила Царовска.

„Тогаш предупредивме дека експериментот кој преку спојувањето повеќе различни предмети ќе се испробува во Македонија, врз грбот на нашите најмлади, во таква форма не постои никаде во Европа и во цивилизираниот свет кон кој се стремиме“ соопшти ДС.

Оттаму инсистираат дека спојувањето на предметот историја со повеќе други предмети, испраќа порака дома и кај нашите соседи дека на Македонците историјата не им е важна, што може да се сфати како сечење на корените на македонскиот народ и обид за негово бришење од картата на народите, поради што мораме да бидеме внимателни.

Демократскиот сојуз предупредува дека со брзоплето менување на наставната програма и пишувањето збирни учебници за три предмети, новите генерации ученици ќе бидат осакатени во знаењето, зашто, како што додаваат, ниту ќе научат историја, ниту географија ниту ќе стекнат граѓанско образование.

„Не сакаме да веруваме дека овие реформи се како резултат на Договорот за добрососедство со Бугарија и одлуките што ги носи заедничката Комисија за историски и образовни прашања“ порачаа од ДС.

Тие ја повикаа Владата да ги разгледа сите аспекти на реакциите од експертите и партиите и да престане да ги третира учениците како експериментални глувци. Демократскиот сојуз бара Владата да го врати предметот историја во формата како што досега се изучуваше, како посебен предмет.

25.04.2023 - 09:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега