Дамески: Вината за состојбата со бездомните кучиња е кај неодговорните сопственици - мора да се направат измени во законската регулатива кои ќе содејствуваат со актуелната ситуација

 
На денешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ на тема „Законска регулација на урбаното чување на миленици, нужност и потреба“ свое обраќање имаше и меѓународниот кинолошки судија, д-р Панче Дамески кој истакна дека виновници за актуелната состојба со кучињата скитници се неодговорните сопственици, а за решавањето на овој проблем тој наведе дека треба да има измени во законската регулатива кои ќе содејствуваат со актуелната ситуација во Македонија.

„Дефинитивно проблемот со кучињата скитници е кај луѓето. Не се самите животни проблем и тие не по своја вина се нашле како бездомни кучиња кои бараат и се борат за свој опстанок. Проблемот е во неодговорните сопственици кои не обрнуваат внимание на домашните миленици кои ги имаат тука и доаѓа до неконтролирано размножување на тие кучиња, оставање на малите кучиња и за жал тој проблем го имаме скоро во сите општини. Се спомна Скопје но јас можам да посведочам дека и во Прилеп во целата општина имаме неколку стотина кучиња кои се бездомни и кои се реална опасност и голем проблем за самата општина. Дефинитивно нешто треба да се измени во делот на законската регулатива, не дека не е добра, имаме ние многу добра законска регулатива. Имаме закон за благосостојба на животните каде што се имплементирани најголем дел од европските регулативи за тоа како треба да се однесуваме ние со овој проблем, меѓутоа за жал не се почитува, а дефинитивно немаме ниту можност за почитување на ова законско решение. Мораме да направиме некои измени кои што ќе бидат поблиски и ќе содејствуваат за актуелната ситуација која што ја имаме денеска во Македонија“, истакна Дамески.

Тој исто така додаде дека ЈП Лајка е позитивен пример, но нејзиниот капацитет не е доволен за град како Скопје каде бројот на кучињата скитници е неколку илјади.

„Сум имал прилика да го посетам јавното претпријатие и да ги видам просториите и можам да кажам дека според мене е позитивен пример, меѓутоа дефинитивно капацитетот на ова прифатилиште е премал за град како Скопје каде што сигурно бројот на бездомни кучиња е во неколку илјади и не може да одговори на потребите на градот со толку мал капацитет и просторен и со екипираност со стручни лица и на крајот на краиштата и финансиски. Дефинитивно и финансиите се дел од целиот овој проблем. Од друга страна пак ако видиме колку годишно сите овие јавни претпријатија плаќаат оштети, тие средства ако ги намениме за згрижување на бездомните кучиња мислам дека многу ќе се намали овој проблем“, заклучи Дамески.

 

22.04.2023 - 13:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега