Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ преку прес-конференција реагираа на актуелните случувања поврзани со бегството на Ива Михаилова, поставувајќи прашања за евентуална вмешаност на поранешните функционери Венко Филипче и Зоран Заев.
Портпаролот на партијата, Валентин Манасиевски, истакна дека СДС повторно одиграл во интерес на Бугарија и ја посрамотил државата.
„СДС повторно одигра за Бугарија преку Филипче и Заев, повторно ја омаловажија и посрамотија Македонија. Единствени кои се среќни и кои ликуваат на бегството на Ива Михаилова во соседна Бугарија се Румен Радев, Венко Филипче и Зоран Заев“, рече Манасиевски.
Според наводите од партијата, докторот кој ја констатирал дијагнозата на Михаилова е Иван Барбов, поранешен директор на Клиниката за неврологија поставен во 2017 година од страна на Заев и Филипче. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Барбов изготвил извештај во кој се наведува дека потребната метода за лекување ја нема во земјава, туку во Бугарија.
„Истиот Иван Барбов е познат во јавноста како осуден криминалец во судскиот случај „Метастаза“, каде што бил еден од обвинетите за посредувње во издавањето на инвалидски пензии. Според информациите кои тогаш ги објавија и медиумите и ВМРО-ДПМНЕ, Барбов и останатите наплаќале од 1.500 до 4.000 евра за барател, со цел нелегално издавање на инвалидски пензии“, истакна портпаролот.

Од партијата побараа одговори од Филипче и Заев дали ургирале кај Барбов за ваква дијагноза поради наводни уцени од бугарскиот претседател Румен Радев.
„Очекуваме одговори од Филипче и Заев, дали е точно дека имаат ургирано кај својот криминален другар и доктор Барбов, да направи таква дијагноза за Ива Михаилова, во која докторот укажува дека таква метода за лекување нема во Македонија, туку има во Бугарија, затоа што се директно уценети од Румен Радев? Зошто Филипче и Заев си играат со довербата на јавноста?“, праша Манасиевски, нагласувајќи дека очекуваат надлежните институции да отпочнат истрага по допрен глас.