Ги стави ракавиците, зеде црна вреќа и тргна во акција. Отпушоци, лисја и отпадоци. Градоначалникот на Град Скопје денеска го чистеше Градскиот парк. Тој не беше сам, заедно со него истовремено чистеа 30.000 лица на различни локации низ градот бидејќи почна најголемата еколошка акција „Да оставиме пример не ѓубре“.
„Колку и да работат јавните претпријатија, колку и да постапуваат на терен, колку и да го собираат отпадот секогаш се појавуваат одредени лица кои со нивните девијатни појави придонесуваат неуредно да изгледаат некои површини во градот, во некои делови од населбите“, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје.
Од седиштето на локалната самоуправа, низ градски парк, преку Плоштад до кеј – се чистеше секаде.
Граѓаните, амбасадорите и градоначлниците денеска ги засукаа ракавите и се фатија за работа. Скопје се чисти на повеќе од 50 локации, а според најавите на локалната самоуправа, целта е ваквите акции да се спроведуваат двапати месечно.
Половина од населението во Македонија пуши цигари, па очекувано најголемиот дел од отпадот денеска беа отпушоците.
Црвениот крст зеде учество со над 100 волонтери.Музејот на Град Скопје го чистеа и повозрасните граѓани.
А додека Скопје денеска го рачно го чистеа илјадници граѓани, во Токио веќе и кантите имаат вградено вештачка интелигенција. Неодамна беше претставена AI-канта која сама препознава што е фрлено и го сортира отпадот.
Дека промената почнува од навиките, а не само од технологијата, денеска потсети и јапонската амбасадорка во Скопје, која и самата се приклучи во акцијата за чистење.
Скопјани се уште мака мачат со јавната чистота. Дел од камионите наменети да ги чистат улиците се стари и често се расипуваат.
Според градоначалникот, неделава претпријатието ќе се зајакне со скоро 30 нови возила, а во петок пристигнуваат првите од вкупно три илјади контејнери кои ќе бидат распордени низ скопските улици. Токму со ова засилување, Ѓорѓиевски очекува подобрување на хигиената во градот.


