Вкупно 31 пожар на отворен простор биле регистрирани во земјава во изминатите 24 часа, од кои четири сè уште се активни. Останатите пожари се изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи.
Најкритични се состојбите во општините Студеничани, Чашка и Липково, каде што огнот зафатил ниска вегетација, но и шумски површини.
Во Студеничани, пожарот е лоциран меѓу селата Драчевица и Цветово, на местото викано „Калдиред“, каде гори ниска вегетација.
Во општина Чашка, во близина на селото Јаболчиште, во месноста „Биков Гроб“, пожарот зафатил букова и дабова шума, кривуљ и ниска вегетација.
Два пожара се активни и на територијата на општина Липково. Во месноста „Гури Ку“, во регионот на селото Стрима, гори борова и нискостеблеста шума, додека во селото Матејче огнот зафатил ниска вегетација.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека останатите 27 пожари се локализирани и изгаснати. Најмногу интервенции имало на територијата на Прилеп, каде биле регистрирани три пожари, додека во Виница, Врапчиште, Куманово и Могила биле изгаснати по два пожара.
По еден пожар бил регистриран и во општините Аеродром, Битола, Босилово, Василево, Гази Баба, Дебарца, Демир Хисар, Долнени, Кочани, Кратово, Македонска Каменица, Новаци, Сарај, Центар, Чаир и Штип.
Надлежните служби продолжуваат да ја следат состојбата на местата каде што пожарите сè уште се активни.

