Актуелниот генерален секретар на Антикорупциска, Адем Чучуљ, поранешниот ревизор Бранко Смилевски и деканот Кимо Чавдар се трите имиња кои би требало да влезат во потесниот круг за избор на наследник на Татјана Димитровска.
Сител дојде до неофицијалните средните оценки кои ги добија 10мината кандидати за нов претседател на Антикорупциска.
Највисока оценка, 96,5 доби ген-секот Чучуљ, а потоа следуваат Бранко Смилевски и Кимо Чавдар. Најниски оценки добија правникот Владимир Наумоски и адвокатката Тодоровска.
10мината кандидати за претседател на Антикорупциска минатите два дена беа на интервјуа во Собранието пред претставниците на Комисијата за селекција. 30 минути се претставува и одговараа на прашања на пратениците и на правните експерти. Денеска во Собранието зад затворени врати се вршеше нивно оценување, а утре се очекува на Комисијата за избори и именувања да биде избран и конечниот кандидат за прв човек на Државната комисија за спречување на корупција.
Антикорупциска добива нов претседател откако Татјана Димитровска си поднесе оставка, откако стана обвинета во случајот Адитив. Обвинета е за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат. Според обвинението, таа на лице обвинето во случајот „Адитив“ му пренесувала информации од предмет кој за него се водел во Антикорупциска. Дополнително, одговара и за фалсификување на сертификат за државна тајна, бидејќи во нејзино име, друг го полагал електронскиот испит.

