Општина Центар, во соработка со Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија, е првата општина во државата што организирано спроведува обуки за воспитно-згрижувачкиот кадар и стручните служби во детските градинки, со фокус на раната детска интервенција.
„Има голем интерес за оваа обука, која ја реализираат стручни лица во нашите градинки. Целта е вработените да создаваат поттикнувачка и поддржувачка средина за децата, навреме да ги препознаваат потешкотиите во нивниот развој и соодветно да ги информираат родителите, за да може навремено да се обезбеди потребната помош“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Преку проектот на СОРИД, наменет за деца до шестгодишна возраст, се обезбедува поддршка за рана интервенција, како и поддршка за семејствата. Родителите кои сакаат да се вклучат во програмата добиваат можност за индивидуална проценка на детето и потребите на семејството, по што се изработува Индивидуален семеен план за поддршка (ИСПП). Поддршката продолжува континуирано со вклучување на стручно лице.
За родителите се достапни и дополнителни информации и совети преку платформата www.ranaintervencija.mk, која е поддржана од Општина Центар.
Од Општина Центар посочуваат дека преку вложувањето во вакви проекти се зајакнува локалната социјална заштита и се создаваат подобри услови за раст, развој и благосостојба на децата и нивните семејства.

