Цената на нафтата повторно се искачи над 110 долари за барел, во услови на зголемени тензии на Блискиот Исток и сè помали шанси за брз политички договор. Брент утринава се продаваше за 110,42 долари за барел, што е за 79 центи повеќе од претходниот ден и околу 43 долари повеќе во однос на истиот период лани.
Дополнителна неизвесност создаде пораката од Иран дека нема да има преговори додека не бидат исполнети неговите услови, како и одложувањето на состанокот во Оман за Ормускиот теснец.
На цените притиска и затворањето на саудискиот нафтовод „Исток-Запад“ по минатонеделниот напад. Пазарите стравуваат дека прекинот може да трае со недели и дополнително да го ограничи снабдувањето.
Секое понатамошно поскапување на суровата нафта може да се прелее и врз цените на горивата на бензинските пумпи.


