Цената на нафтата на светските берзи се движи кон најголемиот неделен раст од јули, поттикната од обновените судири меѓу САД и Иран и стравувањата за снабдувањето преку Ормускиот Теснец.
Брентот се тргува околу 96 долари за барел и неделава бележи скок од повеќе од седум проценти, додека американската ВТИ нафта се приближи до 92 долари за барел.
Растот на светските берзи создава очекувања за можен одраз и врз цените на горивата во Македонија.
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) утре, 7 септември, треба да ја направи редовната седмична пресметка на највисоките малопродажни цени на нафтените деривати, кои вообичаено стапуваат на сила од полноќ кон вторник.
Сепак, растот на суровата нафта Брент не значи автоматско поскапување за ист процент и на македонските бензински пумпи.
Во конечната пресметка на РКЕ се земаат предвид референтните котации на одделните нафтени деривати, како и курсот на денарот во однос на доларот и останатите елементи од методологијата, па точниот ефект врз домашните цени ќе биде познат по утрешната одлука.
Доколку високите берзански цени се задржат, тие вршат притисок за нагорна корекција, при што дополнителен ризик претставува фактот што рафинираните производи, меѓу кои и дизелот, бележат уште посилен раст од суровата нафта.
Главна причина за новиот бран поскапувања е ескалацијата на Блискиот Исток и ризикот за транспортот низ Ормускиот Теснец, преку кој минува околу една петтина од светската нафта и течен природен гас, со што Брентот од почетокот на годинава бележи вкупен раст од речиси 60 проценти.


