Царовска: Печатениот учебник ќе се користи само во исклучителни ситуации

Министерката за образование и наука, Мила Царовска информираше дека активно се дистрибуираат учебниците за прво одделение, а до четврток училиштата ќе ги добијат и учебниците за четврто одделение.

– Испечатени се 20 проценти од вкупниот број учебници и заради тоа ние велиме дека единствен начин да се постигне резултатот што се очекува од програмата од четврто одделение е низ процес на мултимедија, што е поставена во учебниците. Училниците се опремени со смарт табли за да можат да имаат и дополнителна мултимедија, покрај онаа во учебниците, посочи министерката при посетата на основното училиште „Дане Крапчев“ во населба Ченто.

Царовска соопшти дека во тек е и дистрибуција на таблетите за оние ученици за коишто училиштата пријавиле дека се од социјално ранливи категории, а ќе можат да ги подигнат од училиштата.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски посочи дека не е потребно печатење на учебниците бидејќи материјалите ќе бидат дистрибуирани во текот на оваа недела.

– Алтернативно доколку некој е болен, сите училишта располагаат со принтери и доколку на некој ученик му требаат учебник или програма од настава за ранливите категории стоиме на располагање, додава тој.

Министерката Царовска истакна дека по препорака од наставниците кои посетуваа обука за новата наставна програма за прво и четврто одделение треба да се користат дигиталните учебници, додека печатениот учебник ќе се користи само во исклучителни ситуации.

Таа додаде дека сè друго значи подобар квалитет со дигиталниот учебник и поради тоа се дистрибуираат повеќе дигитални уреди за учениците кои имаат потреба од поддршка.

27.08.2021 - 12:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега