Царовска: Нема целосен бојкот на наставата во ниту едно училиште
Министерката за образование и наука Мила Царовска, во врска со најавите за бојкот на наставата рече дека во моментов нема целосен бојкот во ниту едно училиште, туку само одделни ученици ја бојкотираат наставата.
– Во моментов нема целосен бојкот во ниту едно училиште, тоа се поедини ученици кои јас сум сигурна, следејќи го трендот на пријавување и среќата кај учениците која се јавува и покрај онлајн наставата, дека ќе се приклучат на наставата. Поминаа само два дена, тоа се два дена со класни часови, каде што учениците се прилагодуваат, секоја нова одлука или менување на начинот на живеење е тежок, јас сум сигурна дека сите полека ќе се прилагодат, рече Царовска.
Таа истакна дека сепак доколку се појават недостатоци во учењето, како Министерство, заедно со Бирото за развој на образованието, имаат обврска за надополнување на тоа учење.
– Дали ќе одлучиме за летниот период да имаат некои часови, дали ќе одлучиме во наредната година да имаме надополнување на часовите кај оние ученици кои ќе се јави недостиг на знаење, ќе се договориме заедно со Бирото. Сега е важно да оди учебната година на начин на кој што е поставен и со проценките на наставниците и директорите да видиме дали имаме потреба од дополнителна настава некаде, затоа што е важно учениците во континуитет да се стекнуваат со знаење, потенцира Царовска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа