Бобан Николовски во интервју за емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма изјави дека минибусот во кој биле пронајдени околу половина милион евра на граничниот премин Табановце тргнал од Германија кон Албанија со седум албански државјани.
Тој посочи дека за тоа каде требало да завршат парите ќе треба да утврдат надлежните институции.
„Тимот е составен од многу искусни луѓе коишто собирале информации што се случива во регионот. Доаѓа такво возило, го селектираат, се прави детална контрола, сомнително им е уште повеќе, викаат дополнително куче од К-9 единицата, кучето на прва доаѓа и маркира дека има нешто сериозно, повикуваат скенер, скенерот покажува поголема густина во самата плоча. Нашите оперативни, користејќи физичка сила, го отвораат до крај, излегува конец, кој кога ќе го повлечете, што повеќе влечете, толку повеќе купчиња, снопчиња пари излегуваат“, рече Николовски, додавајќи дека ова е рекордна заплена на кеш од формирањето на Царинската управа на Македонија.


