Унгарскиот премиер Виктор Орбан и американскиот претседател Доналд Трамп не постигнале договор за предложениот пакет финансиска поддршка од 20 милијарди долари, но се согласиле да започнат разговори за нов модел на финансиска соработка, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Сијарто ја даде изјавата по интервјуто на Трамп за бриселскиот портал „Политико“, во кое американскиот претседател негира дека понудил каква било финансиска помош за Будимпешта.
Во ноември, Орбан соопшти дека Унгарија разгледува повеќе можности за зајакнување на својата финансиска позиција во рамките на договорот со САД, вклучително и потенцијално финансирање до 20 милијарди долари преку различни механизми.
На средбата во Белата куќа на 7 ноември, Орбан доби едногодишно ослободување од американските санкции поврзани со користење руска енергија. По разговорите, тој изјави дека Унгарија би можела да добие пристап до систем за размена на валути или флексибилна кредитна линија — доколку Вашингтон го одобри тоа.
Трамп, меѓутоа, за „Политико“ рече: „Не, не му го ветив тоа“, но потврди дека унгарскиот премиер навистина побарал финансиска поддршка.

