Декарбонизацијата претставува конкретен патоказ и дел од обврските на државата кон Европската Унија, порача денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на состанокот на Советот за праведна транзиција. На состанокот, како што се наведува во соопштението од Министерството, фокусот бил ставен на институционалната координација, усогласувањето со Реформската агенда, обезбедувањето финансиска поддршка и мерките за поддршка на вработените во енергетскиот сектор.

Министерката Божиновска потенцираше дека енергетската транзиција мора да биде темелно планирана во рамките на целиот државен систем.

„Кога зборуваме за декарбонизација, не зборуваме за апстрактна цел, туку за конкретен патоказ кој е дел од нашите обврски кон Европската Унија. За тој процес да биде реален и одржлив, потребно е тој да биде вграден во стратешките документи, програмите и планирањето на сите институции кои се дел од оваа агенда“, истакнала таа.

За време на работата на Советот, членовите направиле преглед на реализацијата на Годишниот план за праведна транзиција. Притоа било оценето дека активностите се движат во позитивна насока, но со јасна напомена дека е потребна посилна институционална координација и мобилизација на финансиски инструменти за поддршка на приоритетните активности.

Посебен акцент на состанокот бил ставен на усогласувањето на Патоказот за декарбонизација со стратешките документи и програмите на институциите вклучени во процесот, како и на обезбедување координиран пристап кон имплементацијата на реформите поврзани со енергетската транзиција.

Exit mobile version