Грчките земјоделци и денеска ќе го блокираат граничниот премин Евзони во два термина – од 12 до 16 часот и од 18 до 22 часот по локално време, со што целосно ќе биде запрен сообраќајот кон и од Грција. Исклучок ќе има само за камиони што превезуваат грчки производи. Низ целата земја активни се повеќе од 50 блокади.

На самиот премин Евзони се паркирани над 300 трактори, а протестите таму траат веќе десет дена, при што периодично се затвора патниот премин.

Блокади има и на другите гранични точки – на Ники (Меџитлија) кон Македонија, каде секој ден се решава дали и колку долго ќе се прекинува сообраќајот, како и на Промахонос и Орменио кон Бугарија. На преминот Кипи кон Турција ограничувањето важи само за товарни возила. Најголемата блокада е поставена во централна Грција, кај Никеа, во близина на Лариса на автопатот Солун – Атина, каде што сообраќајот е пренасочен по алтернативни рути. За денеска е најавен протест во Волос и блокада на пристаништето.

Комитетот што ги координира земјоделските протести во целата земја за сабота закажа нов состанок на кој ќе се одреди натамошната стратегија.

Земјоделските демонстрации започнаа на 30 ноември поради високите трошоци за производство, ниските откупни цени и скандалот со европските земјоделски субвенции. Тие бараат и исплата на заостанатите средства.

Блокадите ги зафатија бројни автопати и локални патишта во Грција, што значително го забавува сообраќајот и го пренасочува кон помали улици.

Вчера, државниот обвинител на Врховниот суд, Константинос Ѕавелас, побарал обвинителите низ целата земја, заедно со полицијата, да интервенираат таму каде што на блокадите се извршуваат кривични дела што се гонат по службена должност и каде што е загрозена безбедноста на сообраќајот.

Exit mobile version