Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека на состанокот со американскиот претседател Доналд Трамп побарал САД да разгледаат можност за обезбедување безбедносни гаранции за Киев за период од 30 до 50 години.
„Според важечките договори, Украина ќе добие безбедносни гаранции од САД за период од 15 години. Но ние се надеваме на подолг рок“, рече Зеленски, додавајќи дека следната рунда разговори со САД се очекува да се одржи во Киев во јануари.
Тој истакна дека шефот на украинскиот Национален совет за одбрана и безбедност, Рустем Умеров, веќе го координира процесот со партнерите. „По состанокот, планирани се преговори меѓу европските лидери и Украина, усогласување на клучните документи и подготовка на контакти меѓу Трамп и европските лидери“, додаде Зеленски.
Претседателот Зеленски, исто така, го спомена мировниот план на Трамп од 20 точки, за кој Трамп разговарал со рускиот претседател Владимир Путин. „Не сакам сега да навлегувам во детали, но реков дека е важно за нас зборовите да се совпаѓаат со делата“, нагласи Зеленски.

