Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулесски, на денешната комисија за предлог-законот за зголемување на минималната плата нагласи дека државата има обврска да обезбеди достоинствен живот за работниците, а Владата не смее да остане пасивен набљудувач додека граѓаните тонат во сиромаштија.
„Кога ќе кажете како држава, како Влада, дека ќе поддржите решение за кое ќе се договорат работодавачите и работниците, тоа значи дека велите дека не сте надлежни. Ако не сте надлежни да покренете мерки и политики со кои директно ќе го подобрите животот на граѓаните, особено на работниците кои земаат минимална плата и се најсоцијално загрозени, тогаш навистина не знам зошто сте Влада и зошто сте презеле одговорност да ја водите оваа држава и овој народ“, рече Трајчулески.
Тој остро го критикуваше ВРМО за неконзистентност во однос на нивните ветувања и постапки.
„Единствената конзистентност што ја гледаме е неконзистентноста. Она што сте го зборувале пред изборите, кога сте ги поддржувале синдикатите и нивните барања за минимална плата, денес е спротивно од вашите постапки. Денес гледаме слика која неодоливо нè потсетува на периодот од 2006 до 2016 година, со пленуми, контра-пленуми, протести, контрапротести, синдикати и контра-синдикати, со цел да се задушат барањата на работниците“, потенцираше Трајчулески.
Тој нагласи дека зголемувањето на минималната плата од 600 евра не е само економска бројка, туку прашање на достоинствен живот за кој државата мора да создаде услови.
„Ќе зборувам и како човек кој растел во семејство на двајца работници кои цел живот биле на минимална плата, а денес земаат минимална пензија. Многу добро знам колку е тешко кога едно семејство се бори да обезбеди достоинствен живот за себе и за своите деца, особено кога треба да школува две деца. Тие предизвици сум ги почувствувал на своја кожа. Затоа сметам дека треба да ги тргнеме на страна политиката и политиканството и да застанеме сите заедно во поддршка на работниците“, рече Трајчулески на денешната комисиска расправа за предлог-законот на СДСМ за зголемување на минималната плата.


