Во Основниот суд Штип вчера започна судскиот процес против 74-годишниот Денис Асанов, кој е обвинет за убиство на 79-годишна штипјанка со иницијали Б.Н. Обвинетиот изјавил дека не се чувствува виновен за делото што му се става на товар.
-Апсолутно не, не сум го сторил кривичното дело. Да убиеш човек не е лесно, рекол тој во судницата.
Според обвинителката Тања Кацарова, Асанов бил свесен кога го извршил делото и убиството го сторил со умисла.
Кривичното дело се случило минатата година, а дел од телото на жртвата бил пронајден закопан во дворот од куќата на обвинетиот. Според исказот даден пред Основно јавно обвинителство Штип, како мотив биле наведени љубомора и нарушени лични односи. По жената се трагало неколку дена, откако нејзината сестра го пријавила исчезнувањето.
Според информациите на Министерство за внатрешни работи, на 24 октомври 2025 година, 84-годишната сестра на жртвата пријавила дека таа се оддалечила од домот. На 10 ноември, со судска наредба, бил извршен претрес во домот на Асанов, при што биле пронајдени траги од крв и други предмети поврзани со случајот.
Според извршената обдукција, убиената жена имала осум скршени ребра. Главата и двете нозе на убиената до денес не се пронајдени.
Судењето продолжува на 18. Март.


