Арсовски: Ќе излезе ли на виделина вистината за Зоран Заев и брат му?

Дали Обвинителството конечно ќе отвори случај за Зоран Заев и за брат му, за да конечно излезе вистината на виделина, запраша на денешната прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсковски, нагласувајќи дека основа за тоа се многуте сведоштва од луѓе и бизнисмени кои имале контакти со поранешниот премиер.

„Сведоштва и тврдења за рекетирање на бизнисмени, сведоштва и тврдења за контролирање на судии и обвинители, сведоштва и тврдења за вмешаност во криминал. Сето ова поврзано со еден човек – тоа е Зоран Заев“, нагласи Арсовски додавајќи дека Заев управувал и контролирал судии и обвинители, односно човекот кој е, како што кажа, на врвот на криминалното милје во Македонија изминативе години.

Партискиот портпарол се повика на сведоштвата на таткото на Бојан Јовановски, обвинет во „Рекет“ и во „Меѓународен сојуз“, Миле Јовановски, кој како што кажа Арсовски, посочил дека Зоран Заев и наредувал на Катица Јанева да враќа пасоши и да ослободува луѓе кои претходно ги уценувале.

„Замислете, во два наврата слушаме сведоштва и тврдења каде што братот на Зоран Заев, Вице Заев се заканувал по животот на луѓе, само за да молчат и да не ја говорат вистината.

Јавно во писмо од обвинетиот за ‘Меѓународен сојуз’ и ‘Рекет’, Бојан Јовановски, целата јавност можеше да прочита дека фамилијата Заеви рекетирале бизнисмени, за коишто имало и докази во одредени телефони и конверзации на апликации.

Затоа јавно прашуваме, дали се вештачени и доколку се вештачени, до каде е вештачењето на тие телефони?

Зошто телефонот на Зоран Заев и на неговиот брат не е вештачен, односно не се земени за вештачење, за да се види какви се конверзации има внатре и вмешаноста во овие случаеви?“, запраша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ воедно барајќи и одговор за тоа до каде се кривичните пријави кои обвинетиот Бојан Јовановски ги поднел за лица од власта, меѓу кои и од врвот на СДСМ.

05.01.2022 - 13:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега