Арсовска појасни зошто нема попуст од „Пуцко петрол“ за дизелот за ЈСП Скопје

Македонија е во енегретска криза која ја немало претходниот пат кога се правела јавна набавка за евродизел за ЈСП Скопје. Ова во емисијата „360 степени“ го изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, прашана зошто договорот склучен на 25 октомври годинава со „Пуцко петрол“ за набавка на гориво за автобусите на ЈСП не вклучува рабат или намалување на цената по литар гориво како во претходниот договор од 2020 година кога „Пуцко петрол“ се согласил за секој литар дизел да засметува 4,8 денари попуст.

„Тогаш имало повеќе понудувачи кои се натпреварувале и кои можеле меѓусебе да понудат различен рабат. Едновремено, проблематично е тоа што се бара многу голема банкарска гаранција затоа што се работи за договор што е сериозен. Јавното сообраќајно претпријатие, практично, основниот енергенс што го користи се нафтените деривати“, рече Арсовска.

Арсовска вели дека оној што конкурирал немало со кого да се натпреварува на тендерот.

„Во ваква енергетска криза енергенсот ќе го набавите онолку колку што е. Ние се наоѓаме навистина во незавидна ситуација затоа што имаме состојба што е енергетска криза во која, замислете, на ЈСП ништо од она што му било овозможено во изминатите 30 години денес не му е овозможено, ниту во овие 12 месеци добива средства. Порано добивале 500 милиони денари од Владата, па добивале 360 милиони од Владата, па добивале 120 милиони од Владата, за денеска по таа основа да не добиваат ниту денар“, вели таа.

Арсовска рече дека нема ништо против Финансиската полиција да го провери овој тендер. „Никој не се плаши“, рече таа.

„Зарем вие мислите дека јас како поединец и како некој што го води овој град дека ќе излезам да се борам против сите овие политички опоненти надвор доколку сметам дека имам нешто да кријам или доколку правам нешто што не е соодветно“, праша Арсовска.

Инаку, договорот склучен меѓу ЈСП Скопје и „Пуцко петрол“ во октомври годинава е двегодишен и тежи 27 милиони евра. Станува збор за набавка на околу 14.500.000 литри дизел. Ако таа количина се помножи со 4,8 денари по литар, колку што изнесувал рабатот во минатиот договор, се добива сума од еден милион 150 илјади евра. Сега се дадени и подобри услови за плаќање. Претходно плаќањето одело на 120 дена, а сега ќе се плаќа на 90 дена.

 

09.12.2022 - 22:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега