Арсенал е нов шампион на Премиер лигата, стигнувајќи до престижниот трофеј за прв пат по ерата на „Непобедливите“ на Арсен Венгер во 2004 година. Долгоочекуваната титула за лондонскиот клуб беше официјално потврдена откако нивниот главен ривал Манчестер Сити киксна и ремизираше 1-1 на гостувањето против Борнмут.

Овој триумф претставува круна на извонредното достигнување за Микел Артета на неговата прва менаџерска работа. Шпанецот целосно го трансформираше тимот откако ја презеде функцијата од Унаи Емери во декември 2019 година. По три последователни сезони во кои завршуваа како второпласирани, „топчиите“ конечно го издржаа притисокот. Иако водеа во поголемиот дел од кампањата, предноста од девет бода им се стопи по априлскиот пораз на „Етихад“, но тимот на Артета покажа карактер и излезе како победник во финалниот плејоф од пет натпревари. Манчестер Сити прв потклекна со ремито против Евертон, додека Арсенал нанижа четири последователни победи без примен гол, кулминирајќи со триумфот од 1-0 над Барнли во понеделникот.

Артета призна дека му било премногу тешко да го гледа натпреварот на Сити поради огромното значење, но затоа навивачите на Арсенал ги преполнија пабовите околу стадионот и бурно го прославија последниот свиреж на Борнмут, по што илјадници луѓе веднаш маршираа кон „Емирати“. Официјалното доделување на трофејот ќе се случи в недела на „Селхерст Парк“ по дуелот со Кристал Палас. Веднаш потоа, Артета ќе стане и менаџер со најдолг стаж во првите четири англиски дивизии поради веќе потврденото заминување на Пеп Гвардиола од Сити по 10 години. Новиот англиски првак сега има шанса целосно да го имитира успехот на Сити од 2023 година и да ја освои двојната круна, доколку на 30 мај во финалето на Лигата на шампионите го совлада тимот на Парис Сен Жермен.

Exit mobile version