Анкета: Повеќе од половина православни верници би поддржале признавање на македонската црква под древното име Охридска архиепископија

 

Верниците на Македонската Православна Црква–Охридска Архиепископија немаат никаква дилема дека МПЦ-ОА заслужува признавање на нејзината автокефалност од останатите православни цркви, а повеќе од половината се подготвени да поддржат признавање на автокефалност на црквата под древното име Охридска Архиепископија наместо МПЦ-ОА.

Ова го покажува најновото истражување на јавното мислење во рамки на проектот „Република Северна Македонија како мултиконфесионално општество“, што во континуитет го спроведуваат „Институтот за политички истражувања–Скопје“ (ИПИС) и интернет порталот „Религија.мк“, со финансиска поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС).

На прашањето „Дали би поддржале признавање на автокефална црква под древното име Охридска Архиепископија наместо МПЦ-ОА?“,  54.9 отсто од испитаниците одговориле позитивно, 29.5 проценти не се согласуваат со тоа, а 15.7 проценти од испитаниците се уште немаат став по ова прашање.

Речиси две третини, или  74.4 проценти од верниците на МПЦ-ОА, сметаат дека МПЦ-ОА треба да бара автокефалност во нејзиното признавање во православниот свет, додека пак 10.3 отсто испитаници се согласуваат со статус на автономна црква. Високи 88.1 проценти од верниците сметаат дека МПЦ-ОА треба да продолжи да бара признавање во православниот свет, бидејќи речиси едногласно е мислењето дека таа заслужува да биде прифатена во семејството на православните цркви.

-Кога станува збор за перцепцијата на граѓаните околу тоа која од православните цркви има пријателски, а која непријателски однос кај верниците мислењето е поделено. Освен што е највисок процентот на испитаници кои сметаат дека прво Руската црква, а потоа и Вселенската патријаршија имаат пријателски однос кон МПЦ-ОА, повисок е процентот на испитаници кои рекле дека Српската црква има пријателски однос, отколку што е тоа случајот со Грчката или Бугарската црква, иако спорот на МПЦ-ОА е пред се со СПЦ. Сепак, според одговорите најнегативна е перцепцијата кон Српската Црква. Во тој контекст и 33.4% од испитаниците оцениле дека причината за непризнавањето на МПЦ-ОА е „политичка, поради противење на СПЦ“, покажува анализата на резултатите од истражувањето.

Иако православните верници сакаат признавање на автокефалноста и се подготвени за тоа да поддржат и прифаќање на древното име Охридска Архиепископија, сепак се уште не се подготвени да прифатат обединување со ПОА – црквата на Јован Вранишковски. Во случај ако Вселенската патријаршија тоа го побара, 54.1 проценти од испитаниците на такво нешто не се согласуваат, додека пак 18.4 проценти се согласни на обединување на двете цркви со цел издавање Томос за автокефалност.

Повеќето испитаници го гледаат праќањето писма до Вселенскиот патријарх од страна на највисоките претставници на извршната власт како позитивно, но голем дел од граѓаните сметаат дека овие писма нема да имаат некое влијание.

МПЦ-ОА и Архиепископот г. г. Стефан генерално уживаат висока доверба кај своите верници, која речиси е изедначена. Дека „имаат доверба“ во архиепископот одговориле 40.8 отсто, а дека „донекаде имаат доверба“ одговориле дополнителни 29 отсто од испитаниците, што е кумулативна доверба од околу 70% од верниците.

-Ова истражување направи обид и за мерење рејтинг на доверба и кај останатите владици на МПЦ-ОА, при што беше користен метод на двоен одговор. На прашањето „Кој од владиците на МПЦ-ОА најмногу го почитувате“, испитаниците требаше да се изјаснат без притоа да им бидат прочитани имињата на владиците, а имаа право на два одговора. На прв одговор најмногу се изјасниле за Дебарско-кичевскиот Митрополит г. Тимотеј,  потоа Повардарскиот митрополит г. Агатангел и за епископот Антаниски г. Партениј. На вториот одговор, најмногу од испитаниците се изјасниле за владиката Агатангел, потоа владиката Тимотеј и за владиката Партениј, велат спроведувачите на истражувањето.

Според нив, и ова истражување покажува висок процент на религиозност кај православните верници во поглед на декларативноста, но и во поглед на практикувањето на верата. На прашањето „дали постите“ 24 отсто изјавиле „да често, според црковните обичаи“, односно во согласност со верскиот календар,  дополнителни 28 отсто од испитаниците кажале дека „да, понекогаш постат“, 22 отсто постат „многу ретко“ додека 26 отсто „не постат воопшто“.

На прашањето „дали се причестуваат“, процентите се во согласност со одговорите на претходното прашање, со оглед дека за да се причести во црква претходно треба да се пости, па така 18 отсто изјавиле дека „често се причестуваат“ и дополнителни 23 отсто дека „се причестуваат понекогаш“, 23% изјавиле дека „ретко се причестуваат“, додека 36 отсто дека „не се причестуваат никогаш“.

На прашањето „дали имате домашна слава“, што е чест обичај кај македонските православни христијани, високи 70 проценти одговориле потврдно.

Истражувањето на јавното мислење, спроведено од „ИПИС“, „Религија.мк“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“, е направено во ноември 2020 година. Биле вклучени 1015 испитаници од православна вероисповед, со задржување на генералниот сооднос во поглед на базичните демографски карактеристики како пол, возраст, професија и образование. Маргиналната грешка е помеѓу +/-3.2% со 95% интервал на веродостојност.

Ова, е прво вакво специјализирано истражување, во кое учествувале само испитаници кои се декларирале како православни верници, и е насловено како „Перцепции за позицијата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија – доверба на верниците, релации со државата, патот до автокефалност“.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.12.2020 - 12:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега